Белење на забите

1. Што е белење на заби?

Белење на забите е можен начин на осветлување на природната боја на Вашите заби, без при тоа да се отстрани забна супстанција. Ваквата постапка не дава комплетна промена на бојата, но може да се постигне осветлување на постоечката нијанса.

2. Кој начин на белење е најдобар за Вас?

Постојат повеќе начини на белење на забите, но кој е најсоодветен за Вас најдобро се проценува при преглед кај нашите доктори. Сето тоа зависи од моменталната боја на Вашите заби, колку време сте подготвени да инвестирате во процедурата, дали имате претходни реставрации кои треба да се земат во предвид итн.

Докторот најдобро може да Ви каже каков ефект може да се постигне во Вашиот случај и како најдолго да се задржат постигнатите резултати.

3. Колку долго траат ефектите од белењето?

Се смета дека ефектите од белењето може да траат до една година, но тоа варира од случај до случај. Се разбира дека ефектите нема да се долготрајни доколку сте пушач или доколку користите продукти кои можат да ги пребојат забите. Вашиот стоматолог ќе Ве советува како подолго да ги задржите ефектите од белењето.

4. Кои се можните несакани ефекти?

Кај некои пациенти може да се појави чувствителност на забите за време на третманот или неколку дена по третманот. Во некои случаи може да се јави и непријатно чувство околу гингивата или бели дамки. Овие симптоми најчесто се минливи и исчезнуваат по неколку дена од завршувањето на третманот.

Пролонгирана изложеност на средствата за белење може да доведе до пречувствителност на топло и ладно и иритација на гингивата, дури и оштетување на меките ткива во устата.

Доколку почувствувате болка или непријатност за време на користење на препаратите за белење за домашна употреба, веднаш престанете со употреба на истите и консултирајте го Вашиот стоматолог.

5. Дали се добри сетовите за домашна употреба кои ги има во продавница?

Иако овие сетови се поефтини, бидејќи белењето не е едноставна процедура, сепак Ви препорачуваме да ги консултирате нашите стоматолози пред да започнете со третман.

Дел од овие средства немаат доволно активна состојка за избелување и не се ефикасни, а други пак содржат одредеден процент на киселина или некаков абразив кои би можеле да бидат штетни.

6. Какви резултати да очекувате?

Резултатите варираат од возраста, почетната нијанса и состојбата на забите. Исто така треба да се земе во предвид и типот на средството за белење кое се користи, како и времето на делување.

Прашајте ги нашите доктори за индивидуална проценка.

7. Пасти за белење, да или не?

Пастите за белење не влијаат на природната боја на забот, но може да бидат ефикасни за отстранување на дамките. Заради тоа, можат да помогнат во целосното подобрување на впечатокот за бојата. Пастите за белење исто така помагаат подолго време да се одржи ефектот по професионалното белење на забите.

8. Дали може заб кој бил претходно лекуван да се избели?

Повеќето заби кои се авитални ја менуваат бојата. Во такви случаи средството за белење се аплицира внатре во самиот заб. Оваа процедура е поинаква од општо познатите начини на белење на сите заби.

Консултирајте го Вашиот стоматолог за детали околу процедурата.

9. Кога препаратите за белење не фунционираат?

Важно е да знаете дека средствата за белење функионираат само на природните заби. Не делуваат на постоечки пломби, коронки, протези и сл. Имајте во предвид дека доколку имате вакви реставрации, можеби ќе биде потребна нивна замена по белењето на забите заради постигнување на иста боја на сите заби.

10. Дали е безбедно белењето на забите?

Најповолен кандидат за белење на забите е пациент кој редовно го посетува својот стоматолог и нема знаци на пародонтално заболување и нема потреба од друга дополнителна стоматолошка интервенција.

Вашиот стоматолог ќе Ве посоветува доколку има некои предуслови кои мораат да се завршат пред да започне процесот на белење.

Доколку се грижите околу безбедноста на препаратите за белење, консултирајте ги нашите доктори кои ќе Ви ги разјаснат деталите.

11. Дали треба да консултирате стоматолог за белење на забите?

Консултација со стоматолог пред белење на забите е секако важен и мудар чекор. Стоматологот ќе Ви сугерира кои се најдобрите методи според Вашите потреби и барања (севкупното орално здравје, Вашите желби и буџет), а истовремено ќе ги превенира можните несакани ефекти.


Доколку тука го нема одговорот на Вашето прашање, слободно контактирајте нè, со задоволство ќе Ви одговориме.