Детска стоматологија

1. Кога е препорачливо да биде првата посета на детето на стоматолог?

Американската академија за Детска стоматологија препорачува првата посета на детето на стоматолог да биде веднаш по никнувањето на првото запче, или најдоцна додека да наполни една година. Бидејќи проблеми со забите можат да настанат уште на многу мала возраст, подобро е првата посета да биде што порано.

2. Колку често треба детето да посетува стоматолог?

Препорачливо е да се прават контроли најмалку секои 6 месеци. Но, кај некои деца се потребни почести контроли заради зголемен ризик од појава на кариес, заради потреба од почесто чистење кај деца кои носат фиксен ортодонтски апарат, заради лоша орална хигиена и зголемен ризик за пародонтална болест. Врз основа на проценката за денталното здравје стоматолoгот ќе Ве советува кога и колку често треба да се прават контроли.

3. Зошто е потребна контрола секои шест месеци?

Секои шест месеци стоматологот:
- проверува дали има знаци на инфламација на гингивата;
- забележува дали постојат одредени неправилности во загризот, формата на денталните лаци и сл.;
- ги чисти забите од плак, забен камен и пигментации;
- аплицира соодветен флуориден раствор на забите;
- ако е потребно, може да Ви препорача одредени модификации во исхраната;
- Ви дава инструкции Вам и на Вашето дете како најдобро да ја спроведувате оралната хигиена во домашни услови.

4. Која паста за заби е најдобра за деца?

Консултирајте го Вашиот стоматолог која паста е најсоодветна за Вашето дете. Но, без оглед за кој производител се работи, секогаш трудете се детето да ја исплука пастата, а не да ја голта. Избeгнувајте пасти кои содржат флуор кај деца помали од две години и кај деца кои не можат да исплукаат.

5. Кога треба да се започне со употреба на паста за заби и колку треба да се стави?

Што порано започнете - тоа подобро! Уште веднаш по раѓањето чистете ги непцата на Вашето дете со газа или со специјална четка за таа возраст и вода. Веднаш штом ќе се појават забите во устата, започнете со миење на забите најмалку два пати дневно со паста за заби и мека четкичка соодветна на возраста. Кај деца до две годишна возраст, употребувајте сосема мала количина на паста за заби. Кај деца од две до пет годишна возраст, користете количина на паста за заби колку големината на едно зрно грашок. Многу е важно постојано да му помагате на Вашето дете при четкањето на забите, бидеjќи на таа возраст сè уште не можат ефикасно да ги мијат забите. Инсистирајте детето да ја исплука пастата, наместо да ја голтне. Кај многу мали деца кои не можат да ја исплукаат пастата, користите паста без флуор.

6. Како можете да превенирате кариес кај Вашето дете?

Треба да ја контролирате исхраната на Вашето дете, неговите навики за ужинки и меѓуоброци и се разбира нивната орална хигиена. Препорачливо е да го ограничите консумирањето на овошни сокови до два пати дневно, а во текот на денот на детето да му давате вода. Не случајно се сретнува зголемена инциденца на кариес кај деца кои пијат многу овошни сокови.

Исто така е многу важно да му помагате на Вашето дете при четкањето на забите и при користење на забен конец барем до 8 годишна возраст.

Најмалку на секои шест месеци посетувајте го Вашиот стоматолог за редовни контроли. Стоматологот може да Ви даде инструкции за четкање, користење забен конец и сл.

Добра орална хигиена, редовни посети на стоматолог и избалансирана исхрана помага во одржувањето на здрави заби.

7. Колку е важна исхраната на детето во превенцијата на кариес?

Самата исхрана треба да биде избалансирана. Тоа подразбира да вклучува намирници од сите групи на храна (на пример овошје и зеленчук, житарки, млеко и млечни производи, риба и јајца). Секако дека ограниченото консумирање на слатки ги штити забите од кариес.

Но, иако избалансираната исхрана е важна во превенцијата на кариес и во остварување на добро орално здравје, самиот кариес не е само резултат на тоа што јадат децата, туку исклучително важна е фреквенцијата на оброци. По честите ужинки, по кои детето не ги мие забите, подолго останува храна на забите и се зголемува веројатноста да се развие кариес. Освен тоа, честото пиење на засладени течности од шише предизвикува циркуларен кариес.

Избегнувајте да го заспивате детето со шише со било што освен со вода.

По можност, за ужинки бирајте хранливи намирници кои се здрави и се подобар избор за забите на Вашето дете (на пример зеленчук, јогурт, сирење и сл.).

Ако детето џвака мастика, погрижете се тоа да биде мастика без шеќер.

8. Што се залевачи?

Залевачите се посебни стоматолошки материјали кои се аплицираат во јамичките и фисурите на џвакалната површина на бочните заби. Залевачот делува како барирера за плак, бактерии и за остатоците од храна и на тој начин ги заштитува местата на кои е најверојатно да се појави кариес.

Новите истражувања покажале дека 4 од 5 кариеси кај деца до 15 годишна вораст се развиваат на џвакалната површина на моларите.

Самата апликација на залевачите е брза и безболна, а ги штити забите долго време.

Залевачите ќе траат подолго доколку се избегнува леплива или тврда храна која би можела да го оштети залевачот.

9. Дали да се загрижите ако детето навечер шкрипи со забите?

Шкрипењето со заби (бруксизам) е доста често кај деца и обично не е поврзано со стрес, каков што е случајот кај возрасните. Кај децата, бруксизамот е поврзан со анатомијата на неразвиениот зглоб на вилицата. Бидеjќи вилицата е во фаза на раст, а забите почнуваат да еруптираат, детето тоа се обидува да го компензира преку шкрипење за да најде поудобна позиција за загризот.

Најчесто, по никнувањето на трајните заби, зглобот на вилицата се развива. Кај најголемиот број на случаи на бруксизам во детска возраст не е потребен третман. доколку бруксизамот продолжи и во подоцната возраст, консултирајте го Вашиот стоматолог за изработка на индивидуален штитник кој превенира понатамошно оштетување на забите навечер.

10. Зошто млечните заби се толку важни, кога секако ќе се заменат со трајни заби?

Млечните заби се важни за здравјето и развојот на Вашето дете и за нив треба да се грижите еднакво како и за трајните заби. Млечните заби имаат неколку важни функции: учествуваат во зборувањето и џвакањето, важни се за нормален раст и развој на лицето и на вилиците, го одржуваат просторот во забниот лак и го водат никнувањето на трајните заби.

11. Како да се мијат забите кај многу мали деца?

Со миење на забите треба да започнете веднаш по нивното никнување. Можете да користите вода и газа на почетокот, потоа четка за заби која се става на Вашиот прст и на крајот овие додатоци да ги замените со четка со меки влакна, со мала глава, по можност специјално дизјнирана за соодветната возраст. Не се препорачува употреба на пасти со флуор до 2 годишна возраст.

12. Дали претставува проблем ако детето го цица палецот или ако користи цуцла?

Цуцлата не би требало веќе да се користи над 3 годишна ворзаст. Исто така и цицањето на палецот би требало да престане кога детето станува поактивно во користење на двете раце. Но, доколку овие навики продолжат и над 4 годишна вораст, тогаш постои ризик кај детето да настанат проблем во говорот, неправилен раст на вилиците, неправилност во положбата на забите и неправилност во формата на забните лаци.

Во основа, цицањето на палец и цуцла се проблематични ако траат многу долго време. Најголемиот број од децата сами престануваат со овие навики, но ако таа активност продолжи и над три годишна возраст, треба да се консултира стоматолог.

13. Кога се прави првата панорамска снимка?

Првата панорамска снимка (ортопантомограм) вообичаено се прави кога ќе никнат првите трајни молари (околу 6 годишна возраст). На оваа снимка се гледа присуство, или отсуство на трајните заби, нивната форма и редослед на никнување, се проценува развојот на виличниот зглоб и евентуалното присуство на патолошки состојби кои би можеле да имаат влијание на растот и развојот на вилиците. Понатаму други панорамски снимки се прават зависно од потребите кај секој случај засебно.

14. Што ако Вашето дете има непријатен мирис од устата?

Доколку кај Вашето дете се појави непријатен мирис од устата, трудете се соодветно да ги четкате забите, гингивата и јазикот и да користите забен конец секој ден. Кај деца не е препорачлива употреба на водички за уста кои содржат алкохол.

Важно е да знаете дека доколку Вашето дете има алергија, астма или проблеми со синусите на било која возраст, непријатниот мирис нема да исчезне со добра орална хигиена. Во вакви случаи е препорачливо да го консултирате Вашиот доктор за да се отстрани примарната причина.

15. Како може да се заштитат забите oд повреда при спортување?

За заштита на забите при спортување индивидуално се изработуваат меки пластични штитници кои ги заштитуваат забите, образите и гингивата.

16. Што се држачи на простор?

Важно е да знаете дека секој млечен заб меѓу другото, има и функција да го чува просторот на трајниот заб. Доколку дојде до предвремено губење на млечен заб заради кариес, воспаление на пулпата или при траума, просторот кој го зафаќал млечниот заб мора да се зачува. Држачот на простор може да биде мобилен или фиксен. Целта на држачот е да го држи просторот за трајниот заб додека тој да изникне.

17. Што е интерцептивна ортодонција?

Како што Вашето дете расте и се развива, може да постојат индикации дека забите не се развиваат во нормална позиција и нема добар загриз.

Цел на раната (интерцептивна) терапија е спречување на развојот на аномалијата во потежок проблем кој подоцна потешко се решава. Интерцептивата може да ја направи понатамошната ортодонтска терапија непотребна или поедноставна и пократка. Со интервенирање во рана возраст може да се спречи подоцнежното вадење на заби, може да се исправат одредени неправилности како на пример обратен преклоп (кога долните заби се преку горните) или вкрстен загриз. Со овој тип на терапија му се помага на детето да престане со лоши навики како што се цицање на прст, усница, дишење преку уста и сл.

Терапијата се спроведува со различни апарати, зависно од проблемот.

18. Зошто е важно оралното здравје во текот на бременоста?

За време на бременоста е многу важно да се грижите за Вашите заби и гингива повеќе отколку било кога претходно. За време на бременоста често се јавува таканаречен гравидарен гингивит. Ќе го препознаете по тоа што гингивата станува изразено црвена, отечена и лесно крвари. Сето тоа се должи на хормоналните промени во текот на бременоста. Постојат истражувања кои укажуваат на поврзаноста на заболувањето на пародонтот и ниска родилна тежина кај предвремно родени бебиња. Заради ваквата поврзаност на оралното здравје и бременоста, се препорачува:
- беспрекорна орална хигиена (четкање и користење на забен конец);
- чести посети кај Вашиот стоматолог кој ќе одреди што е понатаму потребно;
- соодветна исхрана, со намалување на количината на храна и пијалоци кои се богати со шеќери;
- употреба на паста за заби со флуор.
- Вашиот стоматолог ќе ве посоветува каков анти-плак раствор е најсоодветен за Вас

Доколку во текот на бременоста се појави чувствителност, крварење од гингивата, непријатен мирис или отекување на гингивата, веднаш јавете се кај Вашиот стоматолог.

Информирајте го Вашиот стоматолог доколку забележите некоја од подoлу наведените состојби:
- било какви промени во оралното здравје;
- ако земате било какви лекарства;
- ако сте забележале крварење од гингивата, црвенило, чувствителност или заби кои се луксираат.

Исто така треба да го информирате Вашиот стоматолог доколку имате високо ризична бременост, како и во која недела од бременоста сте во моментот.

19. X-зраци во детска возраст

Рентгенските снимки се важен и неопходен дел од денталниот дијагностички процес кај Вашето дете.

Овие снимки детектираат многу повеќе, отколку само кариес. Без нив, одредени состојби можат да се пропуштат.

На пример, рентгенските снимки се користат за да се набљудуваат забите кои се во ерупција, се дијагностицираат заболувања на коската, се проценува степенот на некои повреди, но служат и за да се испланира ортодонтски третман. Накратко, рентгенските снимки им овозможуваат на стоматолозите дијагностицирање и третман на состојби кои не можe да се детектираат за време на прегледот.

Американската Академија за детска стоматологија дури препорачува правење на снимки секои шест месеци кај деца кои имаат висок кариес индекс и висок ризик за кариес. Но, во просек е добро да се направи снимка еднаш во 2-3 години.

Во нашата ординација има современа дигитална технологија за снимање која овозможува максимално редуцирање на дозата на зрачење. Освен тоа, постои и опција за посебна панорамска снимка кај деца за која освен стандардните параметри, намалено е и вкупното време на експозиција.

20. Baby Bottle кариес

Baby Bottle кариес е синоним за сериозна форма на кариес која се јавува уште во многу рана возраст, а е предизвикана од често и долготрајно изложување на забите на течности кои содржат шеќер (на пример млеко, сок и други засладени течности).

Заспивањето со шише кое содржи било што друго освен вода може да предизвика кариес кој понатаму многу брзо напредува. Забите за време на ваквото заспивање се во постојан контакт со засладена течност, присутните бактерии продуцираат киселини кои го напаѓаат емајлот на забите.

Ако веќе му давате шише за заспивање, погрижете се да содржи само вода.

Правилно е по секој оброк да го избришете непцето на Вашето дете со стерилна газа за да го отстраните плакот.


Доколку тука го нема одговорот на Вашето прашање, слободно контактирајте нè, со задоволство ќе Ви одговориме.