Oртодонција

1. Што е ортодонција?

Ортодонција е специјалистичка гранка на стоматологијата која се занимава со проучување на растот и развојот на забите и орофацијалната регија, третман и превенција на неправилностите во положбата на забите.

2. Кога треба да се направи прв ортодонтски преглед?

Првиот ортодонтски преглед е препорачливо да се направи на возраст од 7 години. До тогаш се веќе изникнати неколку трајни заби со што може да се направи првична ортодонтска проценка.

3. Во што се состои првиот ортодонтски преглед?

На првиот ортодонтски преглед се разгледуваат пет основни прашања:
- дали постои ортодонтски проблем? Ако постои, за каква малоклузија се работи?
- што треба да се направи за да се корегира проблемот?
- дали е потребно да се вадат некои заби?
- колку време трае третманот?
- колку чини ортодонтската терапија?

4. Дали треба да се вадат заби заради ортодонтската терапија?

За да се постигнат најдобри можни ортодонтски резултати понекогаш е потребно да се извадат некои заби за да се исправат другите заби и за да се добие добар профил на лицето. Но, со одредени нови технологии овозможени се напредни ортодонтски техники и процедури, па не секогаш е потребно да се извадат заби заради ортодонтски третман.

5. Колку време трае третманот?

Времетраењето на третманот е индивидуално и зависи од специфичноста на малоклузијата која ја има пациентот, во кој степен е таа изразена, како и од соработката на пациентот. Исто така, секој пациент различно реагира на дадената терапија. Генерално, рамките во кои се движи времетраењето на терапијата се од 6-30 месеци. Просечно стандардните третмани траат околу 22 месеци.

6. Колку чини ортодонтската терапија?

Невозможно е да се даде точна цена пред да се направи ортодонтски преглед. На Вашиот закажан термин ќе Ви ги објасниме финансиските можности кои би биле најповолни за Вас.

7. Колку често треба да се доаѓа на контроли?

Контролите се закажуваат според потребите на секој пациент индивидуално. Најчесто контролите се секои 4 или 8 недели. Доколку постои одредена специфична ситуација заради која се потребни почести контроли, соодветно на тоа се закажуваат и контролите.

8. Дали носењето на фиксен апарат боли?

Генерално, носењето на фиксен апарат не боли. Но, после одреден тип на терапија, забите може да бидат чувствителни неколу дена. Во вакви случаи обично помагаат аналгетици. Потребен е одреден период додека забите, гингивата, образите, усните и јазикот да се адаптираат на новата состојба.

9. Каква е процедурата пред ставањето на фискен апарат?

Кога доаѓате кај нас пред да се стави фиксниот апарат потребно е да се земе кратка анамнеза, да се направат рентгенски снимки, истите да се анализираат и да се земе отпечаток од горните и од долните заби. Потоа се сумираат информациите добиени од овие постапки и се прави план на терапија прилагоден за Вашите индивидуални потреби.

10. Дали смее да се спортува додека се носи фиксен апарат?

Да, додека се носи фиксниот апарат можете да спортувате, но за одредени типови на спорт се препорачува носење на штитник (mouthguard).

11. Дали треба да се посетува општ стоматолог додека се носи фиксниот апарат?

ДА! И додека трае носењето на фиксниот апарат многу е важно редовно да се посетува стоматолог. Вашиот стоматолог ќе одреди на колкав интервал е потребно да го посетувате.

12. Колку пати треба да се мијат забите за време на носење на фиксниот апарат?

Препорачливо е пациентите со фиксен апарат да ги мијат забите четири пати на ден - по секој оброк и пред спиење. Со редовно и правилно четкање се отстранува храната од забите и брекетите. Исто така е многу важно да користите забен конец секој ден за да се исчистат местата каде не стигнува четката. Нашиот тим ќе Ви покаже како правилно да четкате и како правилно да користите забен конец. По потреба, може да се препорача и користење на додатни средства (пасти, водички, специјални четки итн.).

13. Која храна треба да се избегнува додека носите фиксен апарат?

Пред почетокот на третманот нашиот тим ќе Ви даде инструкции кој тип на храна треба да го избегнувате. На пример: избегнувајте храна со многу шеќер (за да превенирате кариес), потоа избегнувајте леплива храна (на пр. карамели, гумени бонобони, мастики), тврда храна (на пр. тврди бонбони, апетисани, коцки мраз и сл.), исто така избегнувајте одгризување на сиров зеленчук, како и храна која би можела да се заглави меѓу забот и брекетите (на пр. пуканки).

14. Што е прва помош во ортодонција?

Консултирајте нè доколку фиксниот апарат Ви предизвикува огромна болка, ако се одлепи брекет или ако се одлепи дел или цела жица. Во најголем број случаи можеме да Ви дадеме инструкции по телефон или e-mail, но доколку Ви е потребен итен термин, секако дека ќе излеземе во пресрет.

СОС ортодонција

15. Дали е возможна ортодонтска корекција додека детето сè уште има млечни заби?

Да. Одредени ортодонтски проблеми се толку изразени, што е потребна интервенција уште во рана детска возраст. Но, доколку во моментот е сè уште рано да започне ортодонтската терапија, во тој случај ние го следиме неговиот раст и развој сè додека не дојде вистинско време за започнување на терапијата.

16. Дали и возрасни можат да носат фиксен апарат?

Ниеден пациент не е многу ˮстарˮ за да носи фиксен апарат. Здравјето, среќата и самодовербата се еднакво важни за возрасните, како и за децата. Денес имате на избор повеќе различни можности за третман кои би ги задоволиле Вашите специфични барања, како на пример естетски изглед.

17. Дали може да се носи фиксен апарат кога пациентот има коронки или ако недостасуваат заби (претходно извадени заби)?

Да. Забот со коронка се придвижува исто како и заб со пломба. Кога недостасуваат заби (заради претходни екстракции), ортодонтскиот третман помага во подредување на преостанатите заби.

18. Дали ќе се исправат забите со растењето, доколку не се носи фиксен апарат?

Не, забите нема да се исправат. Просторот потребен за предните заби не се зголемува со растењето. Кај повеќето пациенти, по никнувањето на трајните молари, просторот за предните заби се намалува со текот на годините.

19. Како всушност функционира ортодонската терапија?

Ортодонтските апарати можат да бидат мобилни или залепени за површината на забите. Преку аплицирање на постојана, блага сила во контролиран правец, апаратот полека ги движи забите во посакуваната позиција.


Доколку тука го нема одговорот на Вашето прашање, слободно контактирајте нè, со задоволство ќе Ви одговориме.