Радиографија

1. Како всушност функционираат X-зраците?

Како што минуваат низ устата во најголем дел X-зраците ги апсорбираат забите и коската, бидејќи овие ткива (тврди ткива) имаат поголема густина отколку образите и гингивата (меки ткива). Кога X-зраците удираат во сензорот (или филмот) се создава снимка наречена радиограм. Со помош на вакви снимки се визуелизираат одредени состојби како на пример скриен кариес, инфекции, знаци на пародонтална болест, вклучително и промени во коската.

2. Колку често треба да се прават рентгенски снимки?

Колку често треба да се прават рентгенски снимки зависи од повеќе фактори: моменталната состојба на Вашето орално здравје, Вашата возраст, ризик за одредени болести, присуство или отсуство на знаци и симптоми на некое орално заболување и сл. На пример, кај децата некогаш се потребни почести рентгенски снимки отколку кај возрасните, бидејќи нивните заби и нивната вилица се сè уште во развој. Исто така, забите кај децата се посклони кон развивање кариес отколку возрасните (од повеќе причини). Стоматологот, врз основа на повеќе параметри, одредува дали и кога Ви се потребни рентгенски снимки.

Доколку се работи за нов пациент, стоматологот најчесто препорачува да се направат рентгенски снимки за да се одреди моменталниот статус и за да може да се идентификуваат одредени промени во иднина.

3. Што може да се види на дентален радиограм?

Многу заболувања на забите и на околните ткива не се видливи при инспекција (при стандарден преглед), па заради тоа се потребни рентгенски снимки кои помагаат да се откријат:
- кариес меѓу забите или кариес под постоечките пломби;
- инфекции во коската;
- пародонтална болест;
- абсцеси или цисти;
- аномалии во развојот;
- некои типови на тумори.

Дијагностицирање и третман на денталните проблеми во рана фаза заштедува време, пари и непотребна непријатност.

4. Какво е зрачењето од X-зраците со дентална намена споредбено со други извори на радијација?

Големината на зрачење на која сте изложени при X-зраци со дентална намена е многу мала во споредба со дневното изложување, како на пример космичка радијација или од радиоактивните елементи во природата.

Тука е прикажана ориентациона табела на која се дадени просечните вредности за радијација од X-зраци со дентална намена компаративно со други различни извори на радијација. Единица мерка е милисиверт (mSv) која овозможува компарација меѓу различни извори на радијација на кои е изложено целото тело (на пример радијација во природата) и оние каде е изложен само дел од телото (како на пример при X-зраци).

ИЗВОР ПРОСЕЧНИ ВРЕДНОСТИ (mSv)
X-зраци со дентална намена
Загризни снимки
Панорамски снимки
0.038
0.150
X-зраци со медицинска намена
Снимање на горен дел на ГИТ*
Снимање на долен дел на ГИТ*
Снимање на бели дробови
2.440
4.060
0.080
Природа
Космичка радијација
(просечна годишна радијација)
0.510
Радијација од земјата и атмосферата
(просечна годишна радијација од природни извори)
3.000

ГИТ* - гастоинтестинален тракт
Адаптирано од Frederiksen NL. X-Rays: What is the Risk? Texas Dental Journal. 1995;112(2):68-72.

5. Од каде радијација во секојдневниот живот?

Радијацијата е насекаде околу нас. Постојат два главни извори на јонизирачко зрачење и тоа радијација од природата и радијација заради медицински причини (КТ [комјутерска томографија] и X-зраци). Радијацијата од природата потекнува од сонцето (космичка радијација), од Земјата (во најголем дел радон гас) и од природните радиактивни супстанции во телото. Радијацијата од природата е просечно околу 3.1 mSv, со одредени варијации зависно од местото на живеење.

6. Бременост и X-зраци

Познато е дека децата се почувствителни на зрачење отколку возрасните, па според тоа се смета дека кај фетусот постои уште поголем ризик. Ве молиме информирајте го Вашиот доктор доколку постои и најмало сомневање за постоење на бременост. Вредностите кои се дадени на оваа страница не се предвидени за проценка на ризик кај фетусот.

7. Дали X-зраците за правење на снимки на заби се опасни?

X-зраците кои се користат за правење на снимки на забите имаат едни од најниските дози на радијација. При рутински преглед кој може да вклучува четири загризни снимки приближно има доза од 0.15 mSv, што е помалку од дневната доза од радијацијата од природата. Тоа е приближно истата доза на радијација која ја примате при краток лет со авион (1-2 часа лет).

8. Каков е ризикот од медицинска радијација во однос на изложеност на радијација од природата?

Изложеноста на радијација од природата просечно изнесува 3.1 mSv на годишно ниво со одредени варијации зависно од местото на живеење. Просечен човек годишно е изложен на дополнителни 3.0 mSv годишно од медицински извори (претежно од КТ). Така што, вкупната годишна доза просечно изнесува 6.2 mSv. Во последно време е сè поголема дозата од медицински извори, бидејќи сè почесто се користи компјутерската томографија. За споредба, дозата за стандардна КТ на граден кош е 7 mSv, а за стандардна РТГ снимка на градниот кош 0.1 mSv. Но, постои фундаментална разлика меѓу континуирана доза во текот на целата година (од радијација од природата) и доза која се прима за неколку секунди (како на пример при КТ).


Доколку тука го нема одговорот на Вашето прашање, слободно контактирајте нè, со задоволство ќе Ви одговориме.