Пародонтална болест

Фази на пародонтална болест

Пародонталната болест има четири фази: Гингивитис, почетна, умерена и напредна пародонтална болест.








Гингивитис

Првата фаза од пародонталната болест е гингивитис, односно инфламација на гингивата која е предизивикана од дентален плак. Доколку денталниот плак не се отстрани со секојдневното четкање на забите и со употребата на забен конец, настануваат токсини кои предизивикуваат иритација на ткивото. Оваа состојба е почетна и може значително да се подобри со соодветен стоматолошки третман.

Почетна и умерена пародонтална болест

Во оваа фаза потпорната коска и влакната кои ги држат забите веќе се неповратно оштетени. Се формираат пародонтални џебови под нивото на гингивата и во нив се собираат остатоци од храна и плак. Доколку во оваа фаза не се преземат неопходни мерки доаѓа до деградација на коската и деструкција на потпорниот апарат. Само со соодветен стоматолошки третман и подобрена домашна нега може да се превенира понатамошно оштетување.

Напредна пародонтална болест

Ова е крајната фаза на пародонталната болест во која потпорната коска и влакната се уништени заради што забите почнуваат да се луксираат и поместуваат. Во одредени случаи кога ниту поагресивна терапија не може да помогне, забите се вадат.



Може да се изведе заклучок дека пародонталната болест е потенцијално опасна состојба која може да се избегне со рутински прегледи и соодветен стоматолошки третман.