Општа стоматологија

Лекување на забите

Што е целта на ендодонтскиот третман (лекување на коренските канали на забот)?

- Oтстранување на бактерии, на инфламирана или некротизирана пулпа од коренскиот канал;
- превенирање на пренесувањето на бактериите во виличната коска;
- исполнување на коренските канали со биокомпатибилни, хомогени материјали;
- заздравување на претходно постечката инфламација на врвот и околу коренот;

Фази во лекување на коренскиот канал

Самата постапка на лекување на коренскиот канал се состои од неколку чекори:
- прво се прави снимка на зафатениот заб;
- докторот прави соодветен пристап кон пулпната комора за да се отстрани инфламирана или некротизираната пулпа;
- потоа следи обработка на коренските канали со соодветни инструменти (рачни или машински). Оваа фаза варира во времетраење и во број на посети зависно од бројот и формата на коренските канали (особено ако се работи за завиени и тесни канали);
- во текот на секоја посета се користат дезинфекциони средства кои помагаат во сузбивање на инфекцијата;
- на крајот на третманот, коренскиот канал се исполнува со траен цврст материјал и соодветно се реставрира забната структура која е деструирана.

Електрометриско одредување на должината на коренските канали (без X-зраци)

Еден од најважните предуслови за успешно лекување на коренот на забот е прецизно одредување на должината на коренските канали. Тоа најчесто се прави преку рентгенска снимка преку која се добива ориентација за потребните детали. Но, бидејќи тоа понекогаш не е доволно, во нашата ординација освен на овој начин, одредувањето на должината на коренскиот канал се прави со помош на специјален апарат кој преку мерење на електричниот отпор ја одредува оваа вредност.

Алтернативи на ендодонтско лекување на забот

Откако пулпата (нервот) ќе се инфицира, изборот на третмани за жал е ограничен.
- Првата опција која е најпрепорачлива е секако веднаш да се пристапи кон лекување на коренските канали.
- Втората опција е да се екстрахира (извади) забот, што секако не е посакувано решение на проблемот. На овој начин се елиминира изворот на инфекцијата, но понатаму повлекува други сложени состојби и реакции (на пример, за да не дојде до поместување на забите потребно е да се надомести забот кој недостасува, што бара повеќе време и финансии);
- Третата опција е одложување на третманот, што секако е најнеповолно решение. Проблемот со оваа опција е што инфицираниот заб никогаш нема да заздрави сам од себе, а нетретираниот заб може да доведе до сериозни проблем.
Ако инфекцијата се прошири во виличната коска се јавува огромна болка, оток, малаксаност, температура и општа лоша состојба која бара сериозен пристап и ангажман во лекувањето бидејќи е потенцијално животно-загрозувачка.