Пародонтална болест

Непријатен мирис од устата

Една од главните причини за непријатен здив се милионите бактерии кои живеат во усната празнина и кои се хранат со остатоци од храна кои се собираат меѓу забите, на површината на јазикот и насекаде во усната празнина. Па така, најефикасен и наједноставен начин да се елиминира непријатниот здив е подобрување на оралната хигиена, односно правилно четкање на забите најмалку два пати дневно со паста за заби која содржи флуориди и употреба на конец за заби. На тој начин се отстрануваат дел од бактериите и непријатниот мирис исчезнува.

Освен тоа, корисно е ако пиете доволна количина на течности (незасладени), ако престанете со пушење, имате избалансирана исхрана и редовно го посетувате Вашиот стоматолог.

Други причини за непријатен здив кои може да ги третира стоматолог се:

- гингивит и пародонтална болест;
- кариозни заби;
- синдром на сува уста (нарушување на функцијата на плунковните жлезди, земање одредени лекови или неправилно дишење преку уста).

Доколку нашиот стоматолог утврди дека сè е во ред со Вашето орално здравје, но сепак имате непријатен мирис од устата, тогаш може да ви препорача консултација со друг специјалист заради другите можни причини за непријатен здив:

- инфекции на респираторниот тракт (на пример синузитис, инфекции на грлото, бронхитис);
- гастро-интестинални нарушувања (на пример гастро-езофагеален рефлукс);
- дијабетес;
- други системски заболувања.