Општа стоматологија

Oрална хигиена

Редовното четкање на забите ги отстранува не само остатоците од храна, туку го отстранува и денталниот плак кој е многу опасен. Денталниот плак се состои од бактерии и распадни продукти. Бактериите брзо се размножуваат и како леплива маса остануваат адхерирани на забите и создаваат киселини. Понатаму овие киселини го напаѓаат забниот емајл и предизивикуваат кариес.

Доколку денталниот плак редовно се отстранува, забите ќе останат здрави.

Постапка на четкање на забите

Поставете ја четката под агол од 45 степени во однос на гингивата на тој начин што половина од влакната да бидат на гингивата, а половина од влакната да бидат на забите.

Исчеткајте ги површините со кружни движења на четката, во правецот на раст на забите (од горе кон долу за горните заби, и од долу кон горе за долните заби).

Исчеткајте ги надворешните, внатрешните, а на крајот и џвакалните површини на забите.

При четкање на внатрешните површини на предните заби, четката поставете ја вертикално и правете движења од горе кон долу за горните заби и од долу кон горе за долните заби.

Внимателно и нежно исчеткајте го јазикот. НЕ притискајте многу силно, за да не го оштетите ткивото.

Исплакнете ја устата со вода, а потоа исплакнете ја и четката за заби.

Препораки за четкање на забите:

-четкајте ги забите најмалку два пати дневно-по доручекот и пред спиење. Доколку сте во можност, исчеткајте ги забите по секој оброк и особено важно, по секоја ужинка;
-четкајте ги сите заби, не само предните;
-четкањето треба да трае најмалку три минути;
-користете четка со средна тврдина на влакната;
-менувајте ја четката на секои три месеци.

Посоветувајте се со нашите доктори за специфични анатомски и микробиолошки ризик фактори како на пример длабоки јамички и фисури, збиени заби, неповолни контактни површини меѓу забите и сл. и како да ја адаптирате техниката на четкање на овие ризик фактори.

Погледнете го видеото за правилно четкање на забите:



Забен конец

Со четката не е возможно да се исчетка просторот меѓу забите и заради тоа МОРА да се користи и забен конец во секојдневната орална хигиена.

Употребата на забен конец е одличен начин да се превенира кариес бидејќи ги отстранува наслагите и од најдлабоките места каде четката не достигнува, но и за да се превенира пародонтална болест.

Како се употребува забен конец

Откинете приближно 50 см забен конец. Намотајте го на третиот прст од левата и од десната рака оставајќи површина од 2-3 см која ќе навлезе во просторот меѓу забите.

Со палецот и показалецот внимателно провлечете го конецот (површината од 2-3 см меѓу палецот и показалецот) во просторот меѓу забите и движете го конецот од гингивата кон горната површина на забот и практично изгребете го плакот од површината на забот. Постапката повторете ја меѓу сите заби.

Погледнете го видеото за користење на забен конец:



Доколку имате потешкотии со користењето на забен конец на овој начин, обидете се со употреба на држачи за забен конец.

Консултирајте се со нашите доктори кој тип на производи се најсоодветни во Вашиот случај.