Пародонтална болест

Грижата за гингивата претставува важен фактор и за оралното здравје, но и за севкупното здравје на пациентот. Пародонталната болест е прогресивна инфламаторна состојба која ги зафаќа потпорните структури на забот (пародонтот) и е број еден причина за загуба на забите.

Ваквата состојба ја предизвикуваат бактериите кои се наоѓаат во денталниот плак кој го има на површината на забите, но и на постоечките пломби, коронки, мостови. Доколку денталниот плак не се отстранува секојдневно преку четкање на забите и со употреба на забен конец, доаѓа до постепено таложење и т.н. зреење на денталниот плак што доведува до инфекција на гингивата.

Без соодветно четкање, денталниот плак продолжува да се таложи, гингивата се инфицира и започнува рецесија (повлекување) на гингивата. Површината на коренот станува оголена и забите може да станат чувствителни на надворешни влијанија. Исто така, може да дојде и до создавање на пародонтални џебови меѓу забот и гингивата.

Доколку ваквата состојба не се третира, со нејзиниот прогрес може да дојде до зафаќање на околните потпорни структури и самата коска, што на крајот резултира со загуба на забот.

Други фактори кои придонесуваат за развој на пародонталната болест се: генетска предиспозиција, стрес, ослабен имунолошки систем, метаболни хормонални нарушувања и сл.