Детска стоматологија

Редовни прегледи

Нашиот став е дека посетата на детето кај стоматолог треба да биде пријатно искуство. Детето треба од најмала возраст да стекне навика за посета кај стоматолог, а наша должност е да ја здобиеме неговата доверба. Наша цел е третманот да биде внимателен, ефикасен и атрауматски.

Совети за родители пред првата посета на стоматолог

Првата посета на Вашето дете на стоматолог би требала да биде меѓусебно запознавање. Тоа подразбира детето да го запознае просторот (самата ординација) и докторот. Исто така во првата посета со родителите се дискутираат ризик фактори за заболувањата во усната празнина, режим на исхрана и начини на одржување на денталното здравје (превенција и орална хигиена). Некогаш е неопходна и рентгенска снимка со цел да се изработи индивидуален план на третман за Вашето дете.


Пред доаѓањето во ординација препорачуваме:

- да му зборувате на Вашето дете дека ќе посети стоматолог;
- приближно да му објасните што ќе прави докторот (на пример - ќе ги брои забите);
- да го подготвите детето дека стоматологот ќе му објасни како треба правилно да ги мие забите;
- постојано користете позитивни зборови како игра, забавно и сл.;

Пред доаѓањето во ординација НЕ ПРЕПОРАЧУВАМЕ:

- да му кажете на детето - нема да боли! (детето тоа го сфаќа како - би можело да боли);
- да му кажете на детето дека стоматологот ќе го кара бидејќи не ги измило забите;
- да му ветите на детето награда (за детето претставува еден вид на притисок дека мора да ја освои наградата и разочарување ако е свесно дека не ја заслужило наградата).

И, на крајот, имајте во предвид дека само со Ваша поддршка и подготвеност првата посета на детето на стоматолог ќе биде позитивно искуство.

Чистење на забите

На секоја посета на децата им се чистат забите со што им се укажува дека не секоја посета кај стоматологот е страшна, болна и трауматска и исто така им се демонстрира дека употребата на машините може да биде и забавна. Сметаме дека мотивацијата кај децата за правилна дентална хигиена е многу важна, заради што на редовните посети се прават обуки како треба да се одржуваат забите здрави.




Третман со флуориди

Флуорот претставува минерал во природата кој го има и во водата и во храната. Флуорот ги зајакнува забите и превенира појава на кариес на тој начин што го прави забот поотпорен на влијанието на киселините од плакот и од шеќерите во исхраната. Доколку во исхраната нема доволно флуор, тогаш забите се повеќе подложни на кариес. Одредени минерали како на пример флуоридите, калциумот и фосфатите (од храната, водата, пастата за заби) помагаат да се зајакне емајлот во процес наречен реминерализација.

Внесувањето на флуориди е особено важно кај забите во развој. Самиот внес може да биде на два начини:

- преку храната и водата или преку различни суплементи;
- преку пасти за заби, водички за уста или кога се аплицираат директно на забите од страна на стоматологот.

Третманите со флуориди се препорачуваат кај деца кај кои постои зголемен ризик од појава на кариес, но се применуваат и кај возрасни.

Самиот третман е многу едноставен и се состои од следните фази:

- прво забите се чистат за да се отстранат сите нечистотии, остатоци од храна и/или пребојувања;
- се аплицира високо концентриран гел или течност на сите површини на забите;
- по третманот не е препорачливо ништо да се пие ниту да се јаде со цел флуоридите да можат подобро и подолго да делуваат.

Држачи на простор
Мобилен држач на простор (лево), фиксен држач на простор (десно)

Важно е да знаете дека секој млечен заб меѓу другото, има и функција да го чува просторот на трајниот заб. Доколку дојде до предвремено губење на млечен заб заради кариес, воспаление на пулпата или при траума, просторот кој го зафаќал млечниот заб мора да се зачува. Ако овој простор се изгуби, соседните заби може да се поместат и делумно да го затворат просторот и да го попречат еруптирањето на трајниот заб. Целта на држачот е да го држи просторот за трајниот заб додека тој да изникне. Држачот на простор може да биде мобилен или фиксен.

ВИДЕТЕ ГИ ЧЕСТИТЕ ПРАШАЊА ЗА ДЕТСКА СТОМАТОЛОГИЈА