Ортодонција

СОС ортодонција

Итните случаи во ортодонцијата се навистина ретки, но ако се случат, ние Ви стоиме на располагање. Сепак, додека да дојдете во нашата ординација на контрола, можете и сами да си помогнете.

Што да правите во итни случаи?

Контактирајте нè доколку се оштетат или доколку изгубите било каков дел од Вашите апарати колку што е можно поскоро. Дури и во случаи кога имате редовна контрола закажана наскоро, сепак информирајте нè дека имате потреба од корекција на Вашиот апарат или на апаратот на Вашето дете.

Фиксни апарати
Одлепен брекет

Доколку Ви се одлепи брекет веднаш контактирајте нè. Во некои случаи брекетот треба да се постави на забот што е можно побрзо. Ве молиме зачувајте го брекетот и понесете го со Вас.

Иритација од жицата

Бидејќи забите се движат, се случува крајот од жицата да излегува и да предизвика иритација на гингивата или на образот.

Понекогаш непријатноста која ја предизивкува жицата може да се реши со поместување на жицата спротивно од иритираното поле. Доколку не можете да ја поместите жицата, обидете се да го прекриете врвот од жицата со мало парче вата или со малку восок. Доколку во итни случаи треба да ја исечете жицата-сторете го тоа со грицкалка за нокти или ножичка која е претходно темелно измиена и дезинфицирана со алкохол. Внимавајте на отсечениот крај од жицата да не Ви западне во грло (држете го со прсти или пинцета додека го отсекувате). Секако, контакирајте нè за да закажеме термин што е можно порано за да се корегира проблемот.

Непријатност заради ортодонтскиот третман

По ставањето на фиксниот апарат (особено во првата недела) може да чувствувате болка, непријатност или напнатост заради придвижување на забите. За полесно да се привикнете, на почетокот јадете помека храна, а во понагласени случаи можете да користите и благи аналгетици (на пример парацетамол или ибупрофен).

Ако падне еластична или жичана лигатура (ластичето или металот околу брекетот)

Жицата која ги поврзува брекетите на своето место ја држат еластични или метални лигатури. Доколку падне една од нив, не е ништо алармантно и најчесто може да почека до следната контрола. Но, во меѓувреме внимавајте на забот од кој паднала. Ако забот ја промени позицијата, веднаш јавете се да закажете термин.

Еластичен синџир

Доколку се скине еластичниот синџир, контактираjте нè веднаш за термин за контрола.

Простори меѓу забите

Во текот на ортодонтскиот третман може да се појават простори меѓу забите. Со тек на време, овие простори ќе се затворат. Но, сепак доколку не сте сигурни слободно контактирајте нè.

Ако се оштети малата кука на која се закачуваат ластиците

Контактирајте нè доколку дојде до оштетување на куката на која ги закачувате ластиците. Доколку Вашата редовна контрола е најдоцна за една недела, можете да престанете да ги носите ластиците за тоа време.

Одлепен ретејнер

Ве молиме веднаш контактирајте нè за итен термин доколку се одлепи дел или целиот ретејнер. Во спротивно, забите можат да се придвижат.

Мобилни апарати
Скршен мобилен апарат

Доколку недостасува само мал дел од апаратот и е на место на кое не Ви пречи, можете да продолжите со носење на апаратот сè до следната контрола.

Доколку мобилиот апарат е скршен на два дела (на половина), Ви пречи во носењето и едноставно повеќе не одговара како порано-закажете термин.

Извадена жица од мобилен апарат

Доколку се извади жицата од мобилниот апарат-исто така веднаш закажете термин.

Мобилниот апарат повеќе не одговара

1. Доколку Вашиот апарат (или апаратот на Вашето дете) е со клуч, можно е вилицата да не се адаптира брзо на промените, што пак најчесто е резултат на недоволно носење на апратот. Во ваков случај, може да биде корисно еднаш да го свртите клучот наназад, во спротивен правец на стрелката.

Ако и на овој начин не се реши проблемот, контактирајте нè за нов термин.

2.Мобилниот апарат може да не одговара повеќе и во случаи кога има млечен заб кој луксира. Доколку не дојде до смена на забот во период од една недела, контактирајте нè за да закажеме нов термин.

Мобилниот ретејнер повеќе не одговара

Што се однесува пак до мобилните ретејнери, од огромна важност е препорачаното време на носење. Во спротивно може да дојде до промена на позицијата на забите. Доколку се сомневате дека Вашите заби ја смениле позицијата бидејќи не го носите доволно ретејенерот, Ве молиме закажете термин за контрола.

Доколку имате било какви други проблеми во врска со ортодонтскиот апарат, кои тука не се опфатени, слободно контактирајте нè.

ВИДЕТЕ ГИ ЧЕСТИТЕ ПРАШАЊА ЗА ОРТОДОНЦИЈА