Како ендодонтскиот третман може да го сочува Вашиот заб?

Како ендодонтскиот третман може да го сочува Вашиот заб?

Пишува: Д-р Елена Савева

Ништо не изгледа и не функционира подобро отколку Вашиот природен заб. Правилното одржување на орална хигиена е еден од најдобрите начини да ги зачувате Вашите заби. Правилното четкање на забите со мека четка и паста со флуор, употребата на забен конец и водички за испирање, конзумирање на храна и пијалоци  кои не содржат голема количина на шеќери, во комбинација со редовните шест-месечни контроли кај стоматолог, ќе Ви помогнат да ги зачувате забите до крајот на животот.

Повеќето од пациентите кои имаат заб со инфицирана или оштетена пулпа (нерв), сметаат дека екстракцијата (вадењето) на забот со оваа проблематика е најдобар избор, особено ако во тој момент чувствуваат силна болка. Секогаш кога е возможно, изберете да го лекувате вашиот заб со цел да го зачувате, бидејки губитокот дури и на еден заб може да предизвика  сериозни  последици врз квалитетот на Вашиот живот. Во нашата ординација, нашиот тим е секогаш спремен да им објасни на пациентите за придобивките од ендодонтскиот третман, како и за тоа колку е значајно да се зачува еден природен заб колку што е можно подолого.

Што претставува ендодонтското лекување на забите и кога тоа е потребно?

За жал во минатото единствено решение за болката од забно потекло била екстракцијата на забот. Развојот на стоматологијата и технологијата ни даде можност успешно да ги лекуваме забите со помош на ендодонтски третман. Ендодонтското лекување на забите претставува постапка со која се третира инфекцијата или оштетувањето на забната пулпа.

Пулпата претставува меко ткиво, составено од крвни садови, нерви и сврзно ткиво, сметенo во централниот дел на забот. За време на развојот на забот, пулпата има функција да го создава околното цврсто ткиво ( емајл и дентин). Иако пулпата е важна за време на развојот на забот, таа не е неопходна за негово функционирање. Ендодонтскиот третман е неопходен кога од најразлични причини доаѓа до воспаление или оштетување на пулпиното ткиво. Најчести причини кои предизвикуваат воспаление на пулпата се : длабок кариес, трауматско оштетвање на забот ( пукнатини и фрактури), големи реставрации (пломби) поставени блиску до забната пулпа, често менување на овие реставрации и сл.

 




Ендодонтскиот третман во нашата ординација – чекор по чекор

1. Ендодонтскиот третман започнува со правење на РТГ снимка, која ни помага  да ја видиме формата на коренските канали и да видиме дали инфекцијата од коренските канали се проширила во околното коскено ткиво. По детална анализа на снимката, во најголем број случаи се аплицира локална анестезија со која се анестезира забот што ќе го лекуваме и околното ткиво. Со тоа правиме ендодонтскиот третман да биде многу поудобен за пациентот.

2. Поставување на кофердам.

Кофердамот претсавува тенка гума со која се изолира забот кој се третира и се постигнува апсолутно суво работно поле. Примената на кофердам овозможува ендодонтскиот третман да се изведува во стерилни услови, без опасност од контаминација со бактерии кои нормално се наоѓаат како во плунката, така и во целата усна празнина. Кофердамот исто така ја заштитува усната празнина од можни повреди и оштетувања при користењето на најразлични ендодонтски интрументи и хемикалии за време на ендодонтскиот третман.

 

3. Правење на пристапен кавитет.

Докторот прави мал отвор (дупка) во коронката на забот. Пристапниот кавитет се прави со цел успешно да се пронајдат влезовите на сите коренски канали, за потоа истите бидат адекватно обработени и наполнети.

4. Лоцирање на влезовите на сите коренски канали на забот.

Во овој дел од ендодонтскиот третман од значителна помош ни е денталниот микроскоп. Каналите  кои што се скриени, екстремно  тесни или невообичаено позиционирани стануваат полесно видливи со денталниот микроскоп. Моќноста да го зголемува работното поле за неколку пати заедно со дополнителната светлина, ни се од голема помош во тек на ендодонтскиот третман. Некои стоматолошки интервенции, како ревизија (прелекување) на коренските канали, отстранување на скршени инструменти во коренскиот канал, репаратура на перфорации, како и успешната обработка на калцифицираните канали, во најголем број случаи не би можеле успешно да се изведат без денталниот микроскоп. Нашата ординација го поседува најсофистицираниот дентален микроскоп актуелен на пазарот Zeiss Extaro 300.

 

5. Мерење на работната должина на коренскиот канал

Целосното отстранување на виталната или некротична пулпа, како и на микроорганизмите од коренскиот канал се од суштинско значење за успешен ендодонтски третман. Ова може да се постигне само ако се утврди точната должината на коренскиот канал. Правилното одредување на работната должината на коренскиот канал е клучен фактор за успехот на енодонтската терапија. Постојат три методи со кои се определува должината на коренскиот канал:  тактилно-сензорна метода, електометриска (апекс-локатор) и рендген метода. 

Апекс –локаторот претставува електронски уред, којшто се користи да ја утврди точната локација на апикалниот отвор (отворот на врвот од коренот) и со тоа да ја измери точно работната должина на коренскиот канал и е доминантен во прецизноста на утврдувањето на должината на коренските канали во компарација со останатите методи.

 

6. Обработување на коренскиот канал (чистење и оформување)

Главната цел на каналната препарација (чистење и оформување ) е:
➢ Целосно отстранување на виталната или некротична пулпа
➢ Отстранување на размекнатиот и инфициран дентин
➢ Отстранување на микроорганизмите и нивните продукти  
➢ Тродимензионално обликување на коренските канали со што се овозмужува адекватен простор за дефинитивното канално полнење.

За да се постигнат овие цели, докторите користат ендодонтски инструменти-игли(рачни или машински) во комбинација со ириганси (хемиски раствори со антимикробен ефект). Во нашата ординација ние ги користиме машинските никел-титаниумски  инструменти со кои се овозможува поголема ефективност во овој дел од третманот. Со континуирани, спори и стабилни ротациони движења, овие инструменти изработени од никел-титаниумска легура се многу пофлексибилни од рачните инструменти изработени од не’рѓосувачки челик. Флексибилноста и уникатното движење на овие инструменти овозможува многу тенки и криви канали, успешно да бидат обработени. Нивното движење активирано со помош на ендомотор, го прави ендодонтскиот третман побрз и поудобен за пациентот. Ова не значи дека ние треба да ги исфрлиме од употреба рачните инструменти за обработка на коренските канали. Машинската ендодонција има за цел да ја надополни конвенционалната, со што значително се подобрува квалитетот на ендодонтскиот третман.

 

7. Обтурација на коренскиот канал(дефинитивно полнење на каналот)

 

Под поимот оптурација се подразбитра тро-димензионално дефинитивно полнење на коренските канали со биолошко индиферентни материјали. За оваа цел најчесто се користи гутаперката во комбинација со некој цемент или паста за дефинитивна канална оптурација.

 

 

8. Реставрација на ендодонтски третирани заби

Откако коренските канали се дефинитивно наполнети и пациентот не чувствува повеќе болка од тој заб, време е за поставување на колче и изработка на соодветна надоградба. Колчето може да биде метално или фибер глас и се поставува во внатрешноста на коренскиот канал. Пред да се постави колчето, се одзема дел од дефинитивното канално полнење, со цел да се направи доволно простор за негово адекватно поставување. Улогата на колчето е да обезбеди добра ретенција (цврстина) на идната реставрација, како и да ја  зголеми цврстината на преостанатото забно ткиво. По цементирање на колчето, околу неговиот дел  кој што се наога надвор од коренскиот канал, се изработува надоградба. Надоградбата на забот најчесто е изработена од композитен материјал, а  нејзината форма е така обликувана да овозможи добра ретенција на идната коронка. На крај, забот протетски се згрижува со поставување на коронка, која има за цел да го штити ендодонтски лекуванит заб од можна фрактура (кршење).


ПРИДОБИВКИ од ендодонтскиот третман

1. Помага да го сочувате вашиот природен заб.

Ниту најсовремените решенија (мостови, импланти), не можат во потполност да го надоместат Вашиот природен заб. Предностите да го сочувате забот со ендодонтски третман се: зачувување на вашата природна насмевка, мастикација (џвакање) без потешкотии и  избегнување на потребата од дополнителни стоматолошки интервенции кои би Ве чинеле многу повеќе пари и време.

2. Го елимира чуството на болка и други симптоми.

Болката, осетливоста на забите на топло и ладно, како и чувството на непријатност исчезнуваат со целосно отстранување на инфицираната пулпа.

3. Спречува ширење на инфекцијата во околното ткиво и во други регии на телото.

Нетретирана инфекција на пулпиното ткиво може да се прошири, да ја зафати околната коска и да предизвика појава на периодонтален абсцес (оток). Во најлош случај преку крвен и лимфен пат, таа може да се прошири и во други регии од телото.

 

ПОСЛЕДИЦИ кои можат да настанат кога недостасува еден или повеќе заби.

1. Проблеми при матикацијата(џвакање)

Понекогаш  недостатокот само на еден заб, може да предизвика џвакањето да Ви биде отежнато. Храната која што не е доволно обработена од страна на забите, може да доведе до нарушувања во ГИТ (гастроинтестиналниот тракт).

2. Ресорпција на алвеоларната коска

За време на процесите на џвакање и гризење, забите постојано вршат стимулација на алвеоларната коска во која се сместени. Кога еден или повеќе заби недостасуваат, алвеоларната коска на местата каде што недостасуваат забите не добива повеќе стимулација  и започнува да се ресорбира (да се повлекува) при што доаѓа до до нејзино истетенчување, правејки ја помалку стабилна за преостанатите заби. Атрофијата на коска предизикува и промени во физичкиот изглед на лицето.

3. Придвижување на соседните заби

Кога недостасува еден заб, соседните заби имаат тенденција да се придвижуваат кон празниот простор со цел да го затворат. Оваа поместување на забите резултира со делумно затварање на празниот простор и нивно искривување, со што се отежнува нивното чистење. Промените во загризот кои се јавуваат како последица на ваквото придвижување  на забите, може да предизвикаат сериозно оштетување во функцијата на ТМЗ (темпороманидбуларниот зглоб).

 


Закажете преглед уште денес!

Ако имате било какви прашања или сакате
да закажете преглед, контактирајте не преку
телефон или на следната контакт форма.
Нашиот тим ќе Ви одговори во најбрз можен рок.
Закажете преглед уште денес!
Како ендодонтскиот третман може да го сочува Вашиот заб? | Dental Clinic Margita Smileva