Орално здравје и дентална нега кај бремени жени

Орално здравје и дентална нега кај бремени жени

Пишува: Д-р Андреа Велеска

Добро познат е фактот дека императив на секоја бремена жена е на свет да донесе здраво бебе. Тоа, само по себе подразбира лична нега и одржување на генералното здравје на трудницата, вклучувајќи го и оралното здравје. Поседувањето на здрави навики и одржувањето на добар хигиено-диететски режим се од исклучително значење за здравјето на мајката и бебето. Многу жени кои очекуваат дете, се соочуваат со голем број на психофизички промени на нивното тело, вкучително и промени на забалото и целата орална празнина, па така чести се прашањата ,,Дали и како бременоста влијае врз мојата уста и забало?’’, ,,Дали и колку често треба да посетувам стоматолог?’’,  ,,Дали стоматолошките интервенции се безбедни за мене и моето бебе?’’...

За ова и уште повеќе, односно се’ она што се однесува на трудниците и оралното здравје, прочитајте во овој блог.

 

 

КАКО БРЕМЕНОСТА МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ НА ВАШИТЕ ЗАБИ И НЕПЦА И ОБРАТНО: КАКО ВАШИТЕ НАВИКИ ЌЕ ВЛИЈААТ НА ВАШАТА БРЕМЕНОСТ И БЕБЕ?

 

 

Веројатно, во текот на бременоста, сте забележале извесни промени кои настануваат во Вашата уста. Од најчесто поврзаните, се издвојуваат следниве:

 

1. Гравидарен гингивит (гингивит за време на бременост) и пародонтопатија

 

Околу 50 % од жените ќе се соочат со гравидарен гингивит за време на бременоста. Гингивитот е иницијална фаза на пародонталната болест, која за среќа, е реверзибилна.  Претставува инфламација (воспаление) на мекото ткиво-гингивата околу забите кое се манифестира како отекување и зацрвенување на околното ткиво, а трудудниците најпрво го забележуваат како краварење од непцата при четкање на забите и редовното одржување на хигиена. Иницирано е како резултат на хормоналниот дисбаланс што настанува за време на бременоста (покачено ниво на естроген во саливата, особено во вториот и третиот триместар). Естрогенот ја модулира функцијата на клетките на одредени ткива, што го прави домаќинот поподложен на влијанието на бактериите кои вообичаено се наоѓаат во усната празнина. Независно од причината за настанување, секој гингивит кој што е нетретиран, со прогредирање на инфламацијата кон подлабоките делови на потпорниот апарат на забите, ја зафаќа и околната коска и преминува во пародонтопатија (пародонтоза), загрозувајќи ја потпората, а со тоа и стабилноста на забите, кои може да почнат да се расклатуваат. Од друга страна, голем број на научни трудови ја поврзале пародонтопатијата со предвремено раѓање на бебето и ниска родилна тежина. Затоа, од исклучителна важност е истите да се третираат навремено.

 

 

2. Кариес за време на бременост

 

Ризикот од појава на кариес кај жените за време на бременост е зголемен. И иако најголем дел од пациентите веруваат дека ова настанува поради ,,извлекување’’ на калциумот од забите на мајката за потреби на фетусот, научните истражувања го демантираат ваквото тврдење. Зголемените потреби за калциум кај плодот, телото на жената успешно ги надоместува примано со зголемување на абсорпцијата на истиот. Имено, бремените жени се подложни на кариес најчесто од бихејвиорални причини, како промени во навиките и желбите за храна. Склоноста за зголемен внес на слатка храна (јаглехидрати) од една страна и честите утрински мачнини од друга страна, ја намалуваат pH вредноста во устата и ја зголемуваат киселоста, што доведува до зголемена деминерализација и појава на кариес кај трудниците. Одржувањето на исклучително добра орална хигиена и редовните прегледи кај стоматолог се од огромно значење за контрола и превенција на појавата на кариес.

Од друга страна, мајките со присуство на кариопатогени бактерии во устата (бактерии кои почесто се поврзани со појавата на кариес кај популацијата), непосредно по раѓањето на бебето, кои поради блискиот контакт со истото, честопати преку бакнеж ги пренесуваат овие кариопатогени и бебето станува подложно на развој на кариес во понатамошниот период од животот. Затоа, редовните контроли, преку кои стоматологот може да дојде до заклучок за постоење на ваков ризик, се мошне важни, бидејќи со инструкции за правилен хигиено-диететски режим и одржување на оптимална орална хигиена, може да се превенира ваквата трансмисија и понатамошните потенцијални последици по забалото на детето.

 

 

3.  Гравидарен гранулом

Гравидарниот гранулом е воспалителна лезија која се развива на оралната слузокожа на бремените жени, како одговор на хронични иританси, од типот на бактериски плак, забен камен и останати трауматски агенси, под влијание на изменетиот одговор на телото поради зголемената концентрација на естроген и прогестерон. Најчесто се јавува во последните месеци од бременоста (трет триместар), со најчеста локализација на гингивата (непцето), иако може да има и друга локализација, а се манифестира како розеникава односно црвеникава промена која повремено може да крвари. Во зависност од клиничката слика, се разликува и третманот. Затоа од исклучително значење е редовна контрола кај стоматолог за процена и следење на лезијата, како и за соодветен третман, односно отстранување на сите локални иританси како биофилм и забен камен, промена на пломби чиишто рабови може да ја иритираат лезијата, или доколку е тоа индицирано,  хируршко односно ласерско отстранување на истата.

 

4. Дентални ерозии

Денталните ерозии се дефекти на забите од неинфективна природа (за разлика од кариесот),  кои кај бремените жени се асоцирани со зачестеното повраќање при утрински мачнини и желудочен рефлукс и истите се иреверзибилни. Редовните контроли кај стоматолог за време на бременоста се важни заради заштитување на експонираните заби и евентуалната сензитивност што може да се јави кај истите, како и совети за избегнување на четкање на забите особено непосредно по повраќањето, како и консумирање на кисели продукти, што дополнително го фаворизира формирањето на ваквите ерозивни дефекти.

 

 

 

КОЈ Е НАЈДОБАР ТАЈМИНГ ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ НА СТОМАТОЛОШКИТЕ ИНТЕРВЕНЦИИ КАЈ ТРУДНИЦИТЕ?

Ние како стоматолози, Ве советуваме да ја добиете потребната нега и соодветната интервенција независно од времето на бременоста. Секако дека во предвид ќе биде земено интервенциите да траат пократко од вообичаеното, особено доколку сте во поодмината фаза од бременоста, додека Вие добивате максимален комфор за време на третманот. Интервенциите за одредени состојби, кои не Ви предизвикуваат болка ниту го афектираат Вашето и здравјето на бебето, како поставување на импланти, козметски интервенции и вадење на умници, не мора но може да бидат одложени по раѓањето на бебето, доколку кај мајката предизвикуваат стрес или дискомфор.

 


Х-ЗРАЦИ И РЕНДГЕН ДИЈАГНОСТИКА ЗА ВРЕМЕ НА БРЕМЕНОСТ

Едно од најчестите прашања и грижи на бремените жени при посета на стоматолог е безбедноста при експозицијата на рендген зрачење за време на дијагностичките процедури и влијанието на истото врз плодот. Особено е важно да се напомене дека општо  прифатен став меѓу стоматолошката фела е дека рендген зрачењето е безбедно за време на бременост, во предвид земајќи ги исклучително ниското ниво на радијација благодарение на дигитализацијата во рендген дијагностиката (помало зрачење отколку летање со авион) и заштитната опрема  која секој пациент ја добива за време на експозицијата. И покрај тоа, заради поголем комодитет на нашите пациентки и желба тие да се чувствуваат сигурно, нашата ординација применува рендген дијагностика по третиот месец од бременоста, кога органогенезата на бебето е завшена.

 

 

АНЕСТЕЗИЈА И ОСТАНАТИ МЕДИКАМЕНТИ ВО СТОМАТОЛОГИЈАТА И НИВНАТА БЕЗБЕДНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА БРЕМЕНОСТ

Доколку сте бремени, а имате потреба за санација на заб, ендодонтски третман или екстракција на заб, една од работите за кои не треба да се грижите е безбедноста на медикаментите кои се употребуваат во текот на интервенциите. Тие се апсолутно безбедни, за Вас и Вашето бебе. Што се однесува до анестетиците, нема простор за грижа ни тука. Не сите анестетици се исти, па стоматологот ќе аплицира соодветен кој е индициран за Вашата состојба.

 

 

Kако заклучок од се’ горенаведено, може да сумираме дека редовните посети на стоматолог и мониторинг на бремените жени се од есенцијално значење за оралното и општото здравје на мајката и бебето.  Правилното одржување на орална хигиена, здравите диететски навики и практики, дополнително ги исклучуваат потенцијалните ризици за трудниците. Нашиот тим на грижливи доктори Ви стојат на располагање за секое прашање и проблем што го имате во текот на бременоста и ќе направат се’ во нивна моќ да го водат Вашето орално здравје како дел од општото здравје, со цел безбедно пристигнување на Вашето бебе!

Закажете преглед уште денес!

Ако имате било какви прашања или сакате
да закажете преглед, контактирајте не преку
телефон или на следната контакт форма.
Нашиот тим ќе Ви одговори во најбрз можен рок.
Закажете преглед уште денес!
Орално здравје и дентална нега кај бремени жени | Dental Clinic Margita Smileva